Аргентинска легенда се прости од репрезентацијата по загубеното финале
Отаменди дебитираше за аргентинската репрезентација уште во 2009 година. Во текот на 17 години настапи за „гаучосите“ одигра 139 натпревари и постигна осум голови, а долги години беше столб и лидер на одбраната.
„Денес ги пишувам најтешките зборови во мојата кариера. Се простувам од аргентинската репрезентација, но сум неизмерно горд што имав чест да ја претставувам мојата земја“, соопшти Отаменди.
Тој додаде дека трофеите остануваат дел од историјата, но љубовта кон дресот на Аргентина ќе трае засекогаш.
„Уште од дете сонував да го носам дресот на аргентинската репрезентација. Тоа беше најголемата привилегија што ми ја даде фудбалот. Секогаш играв со цело срце, со гордост и чувство на одговорност, свесен што значи тој дрес за милиони Аргентинци“, порача Отаменди.
Тој беше дел од генерацијата што ја освои светската титула во 2022 година, како и трофеите на Копа Америка во 2021 и 2024 година.
„Судбината сакаше мојот последен натпревар да биде финале на Светско првенство. Не го добивме резултатот што го посакувавме, но заминувам со крената глава, знаејќи дека оваа екипа го даде својот максимум до последната секунда“, истакна искусниот стопер.
Отаменди неодамна му се приклучи на аргентинскиот гигант Ривер Плејт, по успешната европска кариера во која настапуваше за Порто, Валенсија, Манчестер сити и Бенфика.