Aрсенал го претстави новото засилување и урна рекорд во Белгија
Спортскиот директор на Арсенал, Андреа Берта, не го криеше задоволството од реализираниот трансфер и верува дека Цолис ќе биде големо засилување за тимот на Микел Артета.
„Презадоволни сме што успеавме да го доведеме Христос Цолис. Тој е поливалентен напаѓач кој може да игра и на левата крилна позиција, но и на други места во нападот. Одлично шутира со двете нозе, одлично се снаоѓа во мал простор и поседува исклучителни технички квалитети. Убедени сме дека ќе донесе многу за нашата екипа, особено ако се земат предвид неговите бројки во последните три сезони“, изјави Берта.
Според информациите на „Скај Спорт“, Арсенал за неговите услуги ќе плати 41 милион евра, што претставува рекорден трансфер во историјата на белгиското првенство.
Дваесет и четиригодишниот фудбалер, кој претходно настапуваше за Норич сити, минатата сезона имаше фантастични бројки во дресот на Клуб Бриж. На 36 првенствени натпревари постигна 17 голови и запиша 23 асистенции.
Вкупно, Цолис за белгискиот клуб одигра 108 натпревари во сите конкуренции, со учинок од 43 голови и 45 асистенции, што беше доволна препорака за Микел Артета да инсистира на неговото доведување. За репрезентацијата на Грција дебитираше во 2020 година и досега има 34 настапи.