Хаос во Буенос Аирес - многу уапсени и десетина повредени полицијци (ВИДЕО)

Големото разочарување по поразот на Аргентина од Шпанија (0-1) во финалето на СП 2026 прерасна во сериозни нереди во центарот на Буенос Аирес, каде што најмалку 15 лица беа уапсени, а десетина полицајци се повредени во судирите со навивачите.

И покрај поразот, студеното време и дождот, десетици илјади Аргентинци се собраа кај Обелискот, симболот на аргентинската престолнина, за да ѝ оддадат почит на репрезентацијата предводена од Лионел Меси, која стигна до уште едно мундијалско финале. Властите однапред распоредиле околу илјада полицајци, поставиле заштитни огради и подготвиле водени топови, очекувајќи голем број луѓе на улиците без разлика на исходот од натпреварот.

Според локалните медиуми, собирот првично минувал мирно, со песни и аплаузи за репрезентативците, но подоцна група навивачи почнала да фрла шишиња, камења и пиротехника кон полицијата. Безбедносните сили возвратиле со водени топови и солзавец, а дел од демонстрантите ги пробиле заштитните огради околу местото на собирот. Во полициската интервенција биле уапсени најмалку 15 лица, додека седум полицајци се здобиле со потешки повреди. Околу петнаесет минути по почетокот на акцијата поголемиот дел од навивачите се разотишле, иако помали групи повторно се собрале по полноќ на околните улици.

Аргентинската влада соопшти дека го очекува враќањето на репрезентацијата од Њујорк, по што ќе биде донесена одлука за организирање свечен пречек и евентуално прогласување еднодневен државен празник. Претседателот Хавиер Милеи истакна дека датумот на празникот ќе зависи од желбата на репрезентативците и стручниот штаб, а понуди и можност тие да ги поздрават граѓаните од балконот на претседателската палата „Каса Росада“, без присуство на политичари.

„Тажен сум поради поразот, но мора да бидеме свесни за историското достигнување на оваа генерација. Да се играат три финалиња на последните четири Светски првенства е неверојатен успех и никој нема право да им замери – тие дадоа сѐ од себе“, порача Милеи.