Македонските тренери добиваат шанса да учат од легендарниот Светислав Пешиќ!

Македонските кошаркарски тренери на крајот од август ќе имаат ретка можност да учат од еден од најголемите европски кошаркарски стручњаци, откако Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) објави дека главен предавач на годинашната задолжителна тренерска клиника ќе биде легендарниот Светислав Пешиќ.

Дводневната едукација ќе се одржи на 24 и 25 август во Скопје и е задолжителна за сите македонски тренери, бидејќи присуството претставува еден од основните услови за добивање тренерска лиценца за сезоната 2026/27. Пешиќ зад себе има повеќе од четири децении успешна тренерска кариера и важи за еден од најтрофејните и највлијателни европски кошаркарски стручњаци. Тој е член на Куќата на славните на ФИБА, европски и светски шампион со репрезентации, освојувач на Евролигата и тренер чие име е синоним за врвни резултати и кошаркарска експертиза.

За време на клиниката, искусниот стратег ќе ги пренесе своите знаења и искуства преку стручни предавања, на кои македонските тренери ќе можат одблизу да се запознаат со современите тренерски принципи, методологијата на работа и филозофијата што го направија еден од најценетите кошаркарски авторитети во светот.