Омразата меѓу Аргентина и Англија е епска - Божјата рака, војната и црвениот за Бекам (ВИДЕО)

Селекциите на Аргентина и Англија (21 часот) утре вечер ќе го одиграат најочекуваниот полуфинален натпревар на СП 2026, пресметка што одамна ја надмина рамката на обично фудбалско ривалство.

Двете селекции низ историјата одиграа неколку незаборавни натпревари исполнети со контроверзи, црвени картони, легендарни голови и политички тензии, а овојпат влогот е најголем можен – место во финалето на Мундијалот. Аргентинците, актуелниот светски шампион, се на чекор да станат првата репрезентација по Бразил во 1962 година што успеала да ја одбрани светската титула. Од другата страна, Англија ќе се обиде да стигне до своето прво финале по славната 1966 година и да ја нападне втората титула во историјата.

Историјата на ова ривалство започна уште на СП во 1962 година, но вистинската нетрпеливост се роди четири години подоцна. Во четвртфиналето на Мундијалот во Англија, домаќините победија со 1-0, а „гаучосите“ и денес сметаат дека биле сериозно оштетени, особено по исклучувањето на капитенот Антонио Ратин. По тој натпревар англискиот селектор Алф Ремзи ги нарече аргентинските играчи „животни“ и им забрани на своите фудбалери да разменуваат дресови со противникот.

Најлегендарниот дуел, сепак, беше четвртфиналето на Мундијалот во Мексико во 1986 година. Само четири години по војната за Фокландските (Малвинските) Острови, Диего Армандо Марадона ја одведе Аргентина до победа од 2-1 со двата најпознати гола во историјата на Мундијалите – „Божјата рака“ и спектакуларниот соло-продор во кој ја мина речиси целата англиска одбрана.

Ново поглавје беше испишано во 1998 година, кога Аргентина ја елиминира Англија по изведување пенали. Тој натпревар остана запаметен по црвениот картон на Дејвид Бекам, кој го оттурна Диего Симеоне и ја остави својата селекција со играч помалку. Бекам се реваншираше четири години подоцна. На Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја токму тој од пенал го постигна победничкиот гол за Англија (1-0), испраќајќи ја Аргентина дома уште по групната фаза.

И денес ривалството не е само спортско. Спорот околу Фокландските Острови и понатаму е чувствителна тема, а аргентинските навивачи и играчи често го споменуваат во своите песни и прослави. Утре ќе биде испишано уште едно поглавје од една од најголемите фудбалски приказни - победникот ќе обезбеди место во финалето на Светското првенство и ќе биде само еден чекор од светската титула.