ФИФА „избрка“ двајца англиски судии – Фокландската војна ги чини крај на СП 2026!
Причината не е нивното судење, туку строгите правила на светската куќа на фудбалот, кои забрануваат судија да биде дел од натпревар што директно или индиректно е поврзан со неговата матична држава. Со оглед што Англија утревечер игра полуфинале против Аргентина, а другата полуфинална двојка ја сочинуваат Франција и Шпанија, ниту еден англиски судија не може да биде дел од преостанатите натпревари на турнирот.
Според правилникот на ФИФА, судија не смее да суди натпревар во кој настапува неговата репрезентација, но ниту меч чиј исход може да влијае врз следниот противник на неговата селекција. Дополнително, при делегирањето се земаат предвид и политичките и геополитичките околности. Токму поради историскиот конфликт меѓу Велика Британија и Аргентина околу Фокландските Острови, англиските судии не можат да бидат дел од ниту еден натпревар во кој настапува Аргентина.
Спорот за Фокландските (Малвинските) Острови кулминираше со војната во 1982 година, кога Аргентина ги окупираше островите, по што Велика Британија ја врати контролата по десетнеделен вооружен конфликт. Иако од тогаш поминаа повеќе од четири децении, ова прашање и натаму е чувствително во односите меѓу двете земји. ФИФА сака целосно да избегне какви било сомнежи за пристрасност, особено поради големото историско ривалство меѓу Англија и Аргентина.
Оливер и Тејлор со оваа одлука остануваат без можност да судат во полуфиналето или финалето, а со тоа и без дополнителните бонуси што ги добиваат арбитрите во завршницата на Светското првенство. Сепак, според британските медиуми, двајцата нема да заминат со празни раце, бидејќи ФИФА на сите судии избрани за Мундијалот им исплаќа хонорар од околу 100.000 американски долари.