Франција или Шпанија? Дешан зборуваше за одмазда, Де Ла Фуенте го цитираше големиот Цезар!
Станува збор за пресметка на две селекции со различни фудбалски филозофии, но со иста цел – пласман во мечот за светската титула. „Триколорите“ атакуваат на трето последователно финале на Мундијалите, подвиг што во историјата им успеал само на мал број репрезентации. Од друга страна, европскиот шампион Шпанија сака да покаже дека новата генерација, предводена од Ламин Јамал, е подготвена повторно да го освои светскиот врв.
„Триколорите“ на турнирот се потпираат на еден од најмоќните напади, во кој се Килијан Мбапе, Усман Дембеле, Мајкл Олисе, Бредли Баркола и Дезире Дуе. Селекторот Дидие Дешан истакнува дека токму атмосферата во соблекувалната е една од најголемите предности на неговиот тим.
„Оваа репрезентација обединува играчи со различно потекло, исто како и самата Франција. Ние сме едно семејство и тоа е единственото што е важно“, изјави Ворен Заир-Емери.
Адриен Рабио смета дека токму заедништвото се гледа и на теренот.
„Одлично функционираме и надвор од теренот и мислам дека тоа е голем дел од нашиот успех. Сето тоа се пренесува и во играта“, рече францускиот репрезентативец.
Рабио откри дека тимот дополнително се зближил откако Дешан накратко ја напуштил репрезентацијата поради смртта на неговата мајка.
„Сакаме да дадеме максимум и затоа што ова е негов последен турнир на клупата на Франција. Чувствуваме дека сега е вистинскиот момент“, додаде тој.
За разлика од Французите, Шпанија не игра толку атрактивно, но импресионира со дисциплината и цврстината во одбраната. На шест натпревари прими само еден гол, и тоа во четвртфиналето против Белгија. Селекторот Луис де ла Фуенте повторно се послужи со историска мисла во најавата на мечот.
„Јулиј Цезар рекол дека нема големи достигнувања без страдање и целосно се согласувам. Ако сакате големи работи во животот, мора да жртвувате нешто. Ние сме тука за да страдаме“, порача шпанскиот стратег.
Иако Франција важи за еден од главните фаворити за титулата, последните меѓусебни дуели се на страната на Шпанија. „Црвената фурија“ ги доби полуфиналето на Европското првенство во 2024 година (2-1), како и спектакуларното полуфинале од Лигата на нации во 2025 година (5-4).
Сепак, Дешан не сака да зборува за одмазда.
„Ако мислите дека нè критикуваат само последните две години, се лажете. Тоа трае веќе 12 години. Ова ќе биде голема битка, но нема никаква одмазда. Минатото е минато“, изјави францускиот селектор.
Натпреварот ќе донесе интересен тактички судир. Франција досега постигна 16 гола, втор најдобар напад на турнирот, додека Шпанија е селекцијата со најголем посед на топката и една од најцврстите одбрани.
„Мора да одиграме речиси совршен натпревар и што повеќе да ја контролираме топката. Верувам дека Франција има проблеми кога не може да напаѓа од транзиција“, смета шпанскиот репрезентативец Алекс Баена.
Во центарот на вниманието ќе бидат двете најголеми ѕвезди. Килијан Мбапе ќе се обиде да ја продолжи трката за „Златната копачка“ и да ја одведе Франција во ново финале, додека Јамал сака уште на 19 години да испише нова страница во шпанската фудбалска историја.
„Ме прашаа дали се плашам од Франција. Им одговорив дека не, затоа што сме европски шампиони и не се плашиме од никого“, порача Јамал.
Неговиот селектор е убеден дека најдоброто допрва доаѓа.
„Убеден сум дека Ламин сè уште не го одиграл својот најдобар натпревар на ова Светско првенство. Се надевам дека тоа ќе биде против Франција, а ако не – тогаш во финалето“, изјави Де ла Фуенте.