Кошаркарите сакаат група со Кипар и Австрија, а не сакаат да се со Белгија и Чешка!
На ждрепката што ќе се одржи на 16 јули, на овие претходно одредени четири групи со по два тима ќе им бидат приклучени четирите репрезентации кои ја минаа првата претквалификациска фаза, меѓу кои е и Македонија. На хартија, најпосакувана за македонскиот национален тим е групата Ф, во која се Кипар и Австрија, селекции со кои би можеле и тоа како да се носиме.
Убедливо најлошиот можен исход би бил да се најдеме во групата Г, каде се Белгија и Чешка – две репрезентации кои со квалитетот значително се издвојуваат од останатите учесници и кои се редовни учеснички на последните неколку континентални собири. Како опција веднаш зад теоретски најдобрата е можноста да се биде во група со Данска и Романија, додека нешто понезгодни противници би биле Швајцарија и Велика Британија.
Нашите момци, без разлика во која група ќе бидат извлечени, ќе бидат слободни во првото коло од вториот претквалификациски циклус (27 август). Жолто-црвените првиот меч ќе го имаат на 31 август, на гостински терен, против Романија, Велика Британија, Австрија или Чешка, во зависност од исходот на ждрепката.