Ѓуроски: Покажавме карактер, тешко е да се победат - шест од шест!
Еден од најискусните во нашиот состав, Стојан Ѓуроски, го потенцира карактерот на нашиот национален состав кој на перфектен начин го мина првиот циклус.
„Тежок натпревар за нас, без неколку играчи и со скратен ростер. Мило ми е што покажавме карактер и влеговме максимално во натпреварот, без разлика што за нас немаше резултатско значење. Многу е тешко да се победат шест од шест натпревари во едни квалификации, што го покажува и фактот дека ние сме единствената репрезентација без пораз. Битно е што некои играчи добија шанса поради отсуството на други поединци и максимално ја искористија таа можност. Со тоа покажаа дека иднината на македонската кошарка е светла“, рече Ѓуроски.
Македонските кошаркари втората претквалификациска фаза ќе ја почнат на крајот од август, а противниците во една од четирите групи со по три селекции ќе ја добијат на ждрепката на 15 јули во Минхен.