Селекторот на Брегот на Слоновата Коска разочаран - обвини германска легенда за расизам!
Швајнштајгер изјавата со која предизвика реакција ја даде во пресрет на натпреварот од Светското првенство на кој Германија ја совлада Обалата на Слоновата Коска со 2-1. Тој изјави дека тимот на Фае „не е тактички дисциплиниран“, што предизвика остри реакции во јавноста.
По историската победа од 2:0 над Курасао во четврток, со која Брегот на Слоновата Коска за првпат обезбеди пласман во нокаут-фазата на Светското првенство, Фае се осврна на коментарите на Швајнштајгер.
„Мислам дека тоа е тажно. Швајнштајгер беше навистина одличен фудбалер. Секогаш ми се допаѓаше како играч за врска и го ценев неговото разбирање на фудбалот. Кога ги слушнав неговите коментари, се разочарав од него како човек. Чудно е што може да зборува на таков начин. Ако сакаме работите да ги наречеме со вистинското име, би можеле тоа да го наречеме расизам“, изјави Фае.
Тој додаде дека не се согласува со ваквите оценки, но дека најдобар одговор ќе биде она што неговата екипа ќе го покаже на теренот.
„Сакам да покажеме дека африканските репрезентации не се само физички силни, туку и технички и тактички добро подготвени. Се надевам дека станува збор за несмасно формулирана изјава, а не за нешто во што навистина верува. Ако навистина така мисли, тоа е негово право“, рече Фае, додавајќи дека можеби Швајнштајгер сакал да привлече внимание во улогата на стручен коментатор.