Новак Ѓоковиќ донесе изненадувачка одлука во пресрет на Вимблдон!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, сепак ќе одигра натпревар пред почетокот на Вимблдон, откако беше потврден неговиот настап на егзибицискиот турнир „Џорџо Армани Тенис Класик“.

Српскиот ас денеска ќе ги одмери силите со американскиот тенисер Томи Пол, во меч што нема да започне пред 15.30 часот. Ова е одлична вест за љубителите на тенисот, особено ако се знае дека Ѓоковиќ пред само два дена се повлече од егзибицискиот турнир во Харлингем, каде што требаше да се сретне со Карен Хачанов. Тогаш не беше соопштена официјална причина за неговото откажување, што предизвика загриженост пред стартот на третиот гренслем во сезоната. Дуелот со Томи Пол ќе биде идеална генерална проба за Ѓоковиќ пред Вимблдон, бидејќи Американецот неодамна беше осми тенисер на светот и важи за исклучително квалитетен играч на тревната подлога.

Во меѓувреме, Ѓоковиќ продолжува со интензивните подготовки. Во четврток тренираше со актуелниот шампион на Вимблдон, Јаник Синер, на терените на „Ол Ингланд клуб“, што беше своевидно потсетување на нивното минатогодишно полуфинале, во кое Италијанецот славеше на патот до својата прва титула на најпрестижниот тениски турнир. И двајцата тенисери во Лондон пристигнуваат по неочекувани елиминации на Ролан Гарос. Синер беше елиминиран уште во второто коло од Хуан Мануел Серундоло, додека Ѓоковиќ сензационално загуби во третото коло од 19-годишниот Жоао Фонсека, иако водеше со 2-0 во сетови.

Вниманието сега е насочено кон денешната ждрепка за Вимблдон, која ќе почне во 11 часот, а на која ќе се појави и нашата Лина Ѓорческа. Турнирот започнува на 29 јуни, а ќе трае до 12 јули. Синер ќе атакува на својата петта гренслем-титула, додека Ѓоковиќ ќе се обиде да го освои осмиот трофеј на Вимблдон и да се израмни со рекордот на Роџер Федерер.