Денеска ждрепка и за второто коло: Вардар ќе дознае со кого ќе игра по Купс

Од 12 часот денеска ќе се одржи ждрепката за второто квалификациско коло од Лигата на шампионите при што првакот на Македнија, Вардар треба да го добие својот потенцијален ривал.

Во првиот круг, „црвено-црните“ ќе се сретнат со финскиот Купс, а теоретски, Вардар би можел да има и полесен ривал во второто коло бидејќи е сместен во делот на носителите при ждрепката. Меѓу потенцијалните ривали се шампионите на Луксембург, Фарски Острови, Сан Марино, Северна Ирска, Летонија, Велс...

Желбата на сите во Вардар ќе биде да се избегне уште еден скандинавски ривал, во случајот Архус од Данска и Мјалби од Шведска, но и азербејџанскиот Сабах кој ја прекина доминацијата на Карабах. Најважно е тоа што во второто коло Вардар не може да се сретне со регионалните гиганти Црвена Звезда и Динамо Загреб, како и Слован Братислава, Целје и Хапоел Бер Шева.

Ако Вардар испадне од Купс, ќе продолжи во квалификациите за Конференциската лига, а и за таму денеска ќе го добие потенцијалниот ривал, во ждрепката што ќе се одржи од 14 часот. Интересно е тоа што таму македонскиот првак нема да биде во улога на носител во ждрепката.