Ненадејно почина голман на хрватски прволигаш – имаше само 22 години!

Хрватскиот спорт е завиен во црно, откако во сообраќајна несреќа што се случила утринава во околината на Дубровник животот го загуби Петар Прце (22 години), голман на футсал екипата на МНК Сквер.

Младиот чувар на мрежата беше важен дел од тимот кој настапува во елитното хрватско футсал првенство. Веста за неговата прерана смрт предизвика голема тага кај соиграчите, навивачите и целата спортска јавност. Клубот се прости од својот голман со емотивна објава на социјалните мрежи, кратко порачувајќи: „Почивај во мир, наш Перо“.

Подоцна следуваше и официјално соопштение во кое од Сквер истакнаа дека не загубиле само одличен голман, туку и верен пријател, брат и незаменлив дел од големото клупско семејство.

„Постојат моменти кога спортот замолчува, кога натпреварите, бодовите и резултатите стануваат целосно неважни. Со прераното заминување на нашиот Петар загубивме многу повеќе од врвен голман. Неговата искрена љубов кон футсалот и кон нашиот клуб засекогаш ќе остане во срцата на сите што имаа привилегија да го познаваат“, порачаа од дубровачкиот клуб.

Во соопштението се додава дека ова не е првпат Сквер да се соочи со ваква голема трагедија, нагласувајќи дека болката и празнината повторно остануваат без одговор. Од Петар Прце се простуваат и бројни пријатели, соиграчи, навивачи, како и спортски работници од Дубровник и Хрватска, кои со пораки на сочувство му оддаваат последна почит на младиот голман чиј живот згасна прерано.