Кошаркарите без Јакимовски и Мекиќ ги почнаа подготовките за Ирска и Луксембург!

Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги започна подготовките за завршните натпревари од претквалификациите за пласман на ЕП 2029 и тоа со првиот тренинг одржан во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Селекторот Хозеп Мариа Берокал на првиот собир работеше со најголемиот дел од повиканите кошаркари предводени од најискусниот Војдан Стојановски. Во наредните денови на подготовките треба да им се приклучат Андреј Јакимовски и Адем Мекиќ, како и натурализираниот кошаркар за кого стручниот штаб дополнително ќе донесе конечна одлука. Ненад Димитријевиќ, секако очекувано, не беше на денешниот тренинг, а речиси сигурно ќе го прескокне и овој репрезентативен циклус.

Кошаркарите во почетната фаза ќе тренираат по еднаш дневно во Скопје, а првата контролна проверка е закажана за 21 јуни, кога ќе ѝ гостуваме на Бугарија. Македонија настапува во групата „А“ од првата фаза од претквалификациите, заедно со Ирска, Луксембург и Азербејџан, а по четири одиграни кола има максимален ефект и се наоѓа на лидерската позиција.

Црвено-жолтите следниот официјален натпревар ќе го одиграат на 2 јули во Скопје против Ирска, додека три дена подоцна ќе гостуваат во Луксембург, со што ќе биде заокружен овој претквалификациски циклус. Директен пласман обезбедува најдобриот состав во групата, каде што нашите последни противници имаат скор 2-2, додека Азербејџан е последен со 0-4.