Хрватите имаат луда химна за СП – во спотот е Модриќ, ама и Трамп и Обама (ВИДЕО)
Песната со наслов „Тоа е мојата Хрватска“, која ја изведува музичкото дуо Ликарија, веќе привлекува големо внимание на социјалните мрежи и на Јутјуб, каде за кратко време се приближува до бројката од 100.000 прегледи. Покрај Далиќ и Модриќ, во спотот се појавуваат и Јошко Гвардиол, Доминик Ливаковиќ, Матео Ковачиќ, Андреј Крамариќ, Мартин Ерлиќ, Никола Моро и Кристијан Јакиќ, кои испраќаат силна навивачка порака пред настапот на „коцкестите“ на Мундијалот. Во текстот се споменуваат и Доналд Трамп и Барак Обама, кои ги има дури и во видеото во хрватски дрес, секако со помош на вештачка интелигенција.
Инспирација за песната била познатата изјава што му се припишува на Наполеон: „Дајте ми сто илјади Хрвати и ќе го освојам целиот свет“, а автори на текстот и музиката се Лука Бакота и Иван Бановиќ, членови на дуото Ликарија. Особено впечатливи се кадрите снимени во Чикаго, каде хрватските иселеници се собираат околу познатата скулптура „Индијанци“ на Иван Мештровиќ, а еден од спомениците е симболично обвиткан со хрватското знаме.