Ни Спарс не можат да го запрат Њујорк: Брејк на стартот од финалето во НБА (ВИДЕО)

Екипата на Њујорк Никс го победи Сан Антонио Спарс со 105-95 во првиот натпревар од финалето на НБА и поведе со 1-0 во серијата до четири победи.

Успехот на Никс е значаен од повеќе аспекти. Победија иако во третата четвртина заостануваа со дури 14 поени разлика, до триумфот дојдоа на гостински терен и, конечно, станаа првиот тим кој ги победи Спарс во првиот натпревар од финалната серија. Сан Антонио на стартот од финалето досега имаше 6-0.

Тимот до победата го предводеше Џејлен Брансон со 30 поени од кои 13 во последната четвртина, само шест помалку од целиот тим на Спарс. Во последната четвртина Спарс водеа со 95:94, но Брансон постигна тројка од аголот за конечен пресврт. На 38 секунди пред крајот истиот играч ја потврди победата на својот тим кој веднаш ја пренесе на своја страна предноста на домашниот терен во ова финале.

Карл Ентони Таунс постигна 18 поени и 12 скока, Ануноби додаде 17 поени, а вреди да се истакне и Џош Харт, кој постигна само три поени, но беше најдобар скокач (15), асистент (6) и „крадец“ (4) на натпреварот. За Никс ова е 12. победа по ред во плејофот, серија која почна уште на 26 април што значи дека 40-тина дена, тимот е без пораз во обидот да стигне до првата титула по повеќе од половина век.

Спарс ги предводеше Виктор Вембанјама со 26 поени и 12 скока, но со очаен шут од игра, (6/21). Стефон Касл додаде 17 поени и осум скока, Џулијан Шампањ постигна 16 поени со 10 скока, а Дилан Харпер одигра одлично за дебитант со 16 поени и осум скока.

Вториот натпревар се игра в сабота во 02:30 часот по средноевропско време, исто така во Сан Антонио.