Големиот проект доби дозвола: Хрватска влегува во Формула 1!?

Министерството за заштита на животната средина и зелена транзиција на Хрватска ја одобри студијата за влијание врз животната средина за проектот за изградба на меѓународниот автодром Кроација Ринг, објавија хрватските медиуми.

Станува збор за патека која треба да се изгради според највисоките стандарди на ФИА, Меѓународната автомобилска федерација. Покрај потенцијалното домаќинство на трката во Формула 1, во рамките на комплексот се планирани и тестирање на возила, обука на возачи, работа во автошкола, како и бројни комерцијални објекти. Планирано е патеката да се наоѓа во Карловачката жупанија, северно од Слуњ, помеѓу населбите Вељун и Благај, во непосредна близина на реката Корана.

„Конечно добивме одобрение и сум многу задоволен од целата постапка, која беше исклучително сложена. Успеавме да одговориме на сите барања на професијата и министерството и сега можеме да продолжиме. Ова е голем проект кој, сигурен сум, ќе донесе значителни придобивки и за Карловачката жупанија и за цела Хрватска“, изјави Даворин Штетнер, еден од водечките луѓе на проектот, за Форбс Кроација.

Медиумите наведуваат дека целиот комплекс ќе се простира на околу 50 хектари. Околу 40 хектари ќе бидат зафатени од површината на автодромот со патеката, падокот, услужните објекти и помошната инфраструктура, додека преостанатите десет хектари ќе бидат наменети за туристички и угостителски објекти. Патеката ќе биде долга 4,2 километри, ќе има вкупно 12 кривини и висинска разлика од 34 метри. Проектот не вклучува само изградба на тркачка патека, туку и сериозен туристички комплекс. Планирани се бутик хотел, луксузни апартмани, ВИП боксови со поглед на патеката, ресторани, изложбен простор и дополнителни сместувачки капацитети, кои би можеле да примат околу 520 гости дневно.

„За најголемите тркачки настани е планиран капацитет од речиси 18.000 посетители. Природните трибини би можеле да примат околу 15.000 гледачи, а планирани се и ВИП зони, медиумски центар и целосна инфраструктура потребна за телевизиски преноси. За споредба, стадионот Опус Арена во Осиек има околу 13.000 седишта“, пишува „Форбс Кроација“.

Според проектната документација, најголемите настани би се одржувале еднаш или двапати годишно. Изградбата би се одвивала во три фази. Во првата фаза би се граделе патека, падок, ВИП боксови и сервисни објекти. Втората фаза предвидува изградба на хотел, додека во последната фаза би се граделе вили и дополнителни туристички објекти. Планираното времетраење на градежните работи е две години.