Противкандидатот на Перез не крие: Би бил најсреќен ако ја снема Барса
Откако меѓу себе се прозваа за недостаток на визија и за грешки од минатото, Флорентино Перез и Енрике Рикелме сега се свртеа кон Барселона, како најлут ривал на Реал Мадрид. Рикелме целосно изненади, изјавувајќи дека не може да го поднесе каталонскиот клуб.
„Би бил најсреќниот човек на светот ако ја видам Барселона испадната во втората лига. Сакам да го видам тоа. Искрено, не би ми пречело ако Барселона целосно престане да постои. Тоа воопшто не би ја загрозило шпанската лига бидејќи таа е веќе слаба сама по себе. Во последните 20 години, 16 титули во лигата се освоени од два клуба. Ако Барселона испадне, убеден сум дека би се појавил нов и уште подобар ривал за Реал Мадрид. Врвните играчи би ги зајакнале другите клубови и сè би било избалансирано“, изјави Рикелме.
Претседателските избори ќе се одржат на 7 јуни и тие се први избори во Реал по пауза од 20 години.