Елмас: Го сакам Истанбул, се надевам дека некогаш пак ќе играм во Турција!

Елиф Елмас деновиве повторно го привлече вниманието на турската јавност, откако по синоќешниот пријателски натпревар меѓу Турција и Македонија (4-0) во Истанбул упати низа комплименти за турската репрезентација и атмосферата на стадионот „Кадикој“, каде што настапуваше во дресот на Фенербахче.

Македонскиот репрезентативец призна дека враќањето на стадионот на кој ја започна својата интернационална кариера било посебно искуство, а истакна и дека Турција има селекција способна за висок дострел на следното Светско првенство.

„Поминаа седум години откако последен пат бев во Кадикој. Атмосферата беше одлична и навистина беше убав натпревар. Сите фудбалери на Турција играат на високо ниво. Тие се едно скалило пред нас. Мислам дека Турција може да стигне до четвртфиналето на Светското првенство“, изјави Елмас.

Играчот од средниот ред се осврна и на својата иднина, нагласувајќи дека во моментов не размислува за нов трансфер и дека приоритет му е одморот по завршувањето на сезоната.

„Во овој момент не размислувам за трансфер. Сакам прво да одам на одмор. Ја сакам Турција и би сакал еден ден да живеам во Истанбул. Се надевам дека во иднина повторно ќе заиграм во турскиот шампионат“, додаде Елмас.

Македонскиот „дијамант“ се пресели во Фенербахче како голем талент од Работнички, а во 2019 година направи трансфер во Наполи вреден 17,7 милиони евра. Подоцна кариерата ја продолжи во Лајпциг, додека изминатата сезона ја мина како позајмен фудбалер во Наполи.