Голманката на Македонија прави сензационален трансфер во – Црвена Звезда!

Македонската репрезентативна голманка, Јована Мицевска (24 години), кариерата ќе ја продолжи во редовите на Црвена Звезда, објавија српските медиуми.

Актуелниот шампион на Србија активно го засилува составот во пресрет на новата сезона, со јасна амбиција да ја задржи доминацијата на домашната сцена, но и да избори место во групната фаза на ЕХФ Европска лига. За Мицевска ова ќе биде враќање на ракометните терени по неколкумесечна пауза. Таа пролетва стана мајка, а сега е подготвена за нов предизвик во кариерата токму во дресот на белградскиот великан. Скопјанката претходно бранеше за Вардар, потоа за Ница, а последен ангажман имаше во романска Слатина.

До заминувањето на пауза, Мицевска беше стандарден член на македонската репрезентација и настапи на две европски првенства – во 2022 и во 2024 година, а има вкупно 22 настапи во жолто-црвениот дрес.