Време е за Ла Лига: Барса го брани тронот, ама Мурињо се врати да ја симне од врвот!

Вечерва официјално почнува новата сезона во шпанската Ла Лига, со што стартува и елитниот европски клупски фудбал по СП 2026, а првиот натпревар не носи пресметка на гиганти, бидејќи се среќаваат Алавес и Хетафе (20.30 часот).

Новата сезона, сепак, носи многу причини за возбуда, пред сѐ поради очекуваната нова битка меѓу Барселона и Реал Мадрид. Каталонците ја почнуваат сезоната со амбиција да стигнат до трета по ред шампионска титула. Дури осум фудбалери на Барселона беа дел од шпанската репрезентација која неодамна го освои Светското првенство, поради што тимот доби дополнително време за одмор. Токму затоа Барселона, но и Реал Мадрид, нема да играат во првото коло. Ла Лига уште во јули ги одложи нивните натпревари поради големиот број фудбалери кои настапуваа во завршницата на Мундијалот.

Барса првиот натпревар ќе го одигра на 23 август на гости против Елче, додека Реал ќе стартува еден ден порано со гостувањето кај Еспањол. Особено внимание сезонава привлекува „кралскиот клуб“, пред сѐ поради враќањето на Жозе Мурињо. Португалецот по повеќе од една деценија повторно седна на клупата на Реал, каде што претходно работеше од 2010 до 2013 година.

Реал направи и сериозна реконструкција на составот. Дензел Думфрис пристигна од Интер, Марк Кукуреља од Челси, а Ибрахима Конате и Бернардо Силва дојдоа како слободни фудбалери. Најголемата инвестиција беше Јан Диоманде, за кого мадриѓаните му платија рекордна сума на Лајпциг. Не мируваше ниту Барселона, која офанзивниот дел од тимот го засили со Ентони Гордон од Њукасл и Карим Адејеми од Борусија Дортмунд.

Според суперкомпјутерот на „Опта“, Барселона е главен фаворит за шампионскиот трофеј со 45,6 проценти шанси. Доколку успее, тоа ќе биде нејзината 30. титула во Шпанија и прва серија од три последователни трофеи во Ла Лига по ерата на Пеп Гвардиола од 2008 до 2011 година. На Реал му се даваат 31 процент шанси да го врати трофејот на „Сантијаго Бернабеу“, додека останатите се далеку зад двата гиганти. Атлетико Мадрид има 8,6 проценти, Виљареал 3,3, а Бетис 2,1 проценти шанси за титулата.

Минатата сезона покажа дека неизвесноста не е само на врвот. Разликата меѓу зоната која водеше во Европа и местата за испаѓање беше најмала во повеќе од две децении, што најавува уште една сезона во која практично секој бод може да има огромно значење.