Слатка одмазда за поразот во Суперкупот: Олимпијакос го потопи Реал

Олимпијакос забележа една од највпечатливите победи во досегашниот дел од сезоната во Евролигата, откако убедливо го совлада Реал Мадрид со 92-76 во дербито од 13. коло.

Во репризата на финалето од Евролигата минатата сезона, но и на Суперкупот од оваа, актуелниот европски првак одигра одличен натпревар, во кој уште од самиот почеток наметна висок ритам и покажа дека е подготвен да се надигрува со еден од главните кандидати за европскиот трон. Олимпијакос ја презеде контролата во првата четвртина, а вистинската разлика ја направи во вториот период.

Домаќините на одмор заминаа со огромни 50-33, откако во втората четвртина постигнаа дури 31 поен, а на Реал му дозволија само 19. Во продолжението Олимпијакос не само што ја зачува предноста туку дополнително ја зголеми. По третата четвртина водеше со 73-52 и практично ги реши сите дилеми околу победникот. Реал се обиде да направи нешто повеќе во последните десет минути, ги доби со 24-19, но тоа беше премалку за да избегне убедлив пораз.

Тимот од Пиреја имаше одлична распределба на играта, а посебно се истакна тимската соработка. Олимпијакос забележа дури 28 асистенции, додека најголемата предност во текот на натпреварот достигна 26 поени. Грците доминираа и во играта под кошевите, каде што Реал немаше вистински одговор. За гостите, Тео Маледон беше меѓу ретките расположени кошаркари со 17 поени и седум асистенции. Чума Океке постигна 12 поени, а Демијан Џонс имаше дабл-дабл ефект со 10 поени и 11 скока. Од друга страна, Валтер Таварес беше ограничен на само два поени.

Со новиот триумф, Олимпијакос останува еден од најсериозните кандидати за висок пласман во Евролигата, додека Реал со вториот пораз во последните три кола се повеќе се оддалечува од врвот.

РЕЗУЛТАТИ
Анадолу Ефес - Асвел 107-81
Олимпијакос - Реал 92-76
Барселона - Црвена Звезда 100-103
Партизан - Бешикташ 91-87