Јунајтед го плати 85 милиони евра, а сега е без клуб и тренира со - седмолигаш!

Џејдон Санчо некогаш беше еден од најскапите англиски фудбалери и Манчестер Јунајтед за него плати околу 85 милиони евра, а денеска ситуацијата е сосема поинаква – 26-годишното крило е без клуб и формата ја одржува тренирајќи со англискиот седмолигаш Фликстон.

Шест недели по разделбата со Манчестер Јунајтед, Санчо сè уште ја бара следната дестинација, а според „Гол“, негова приоритетна желба е да ја напушти Англија. Интерес и конкретни понуди од Премиерлигата постојат, но Англичанецот смета дека нов почеток во странство би бил подобро решение за неговата кариера.

Токму затоа во прв план повторно се појавува Борусија Дортмунд. Германскиот гигант внимателно ја следи ситуацијата, а враќањето во клубот во кој Санчо ги одигра најдобрите години од кариерата во моментов се смета за една од најреалните опции. Санчо во два наврати го носеше дресот на „милионерите“ и вкупно забележа 158 настапи.

Минатата сезона ја помина како позајмен фудбалер во Астон Вила, за која одигра 39 натпревари и помогна тимот на Унаи Емери да обезбеди пласман во Лигата на шампионите и да го освои трофејот во Лига Европа. Со настапот во финалето против Фрајбург, Санчо стигна и до третото европско финале по ред, откако претходно играше во завршните пресметки со Борусија Дортмунд и Челси.

Претходно сезоната 2024/25 ја помина на позајмица во Челси и одигра 41 натпревар, но лондонскиот клуб не го откупи неговиот договор. Челси плати околу 5,8 милиони евра за да ја активира клаузулата со која ја избегна обврската за негово купување.