Охриѓани се подготвени за историја - на Македонија да ѝ донесат уште една европска титула!
Охриѓани го добија првиот меч со 29-28, да имаше фер судење, победата ќе беше уште поубедлива. Вака уште е неизвесен победникот, но Охрид сега ја има фаворитската улога.
Тренерот Борис Рајовиќ вели дека и со самиот влез во финалето е испишната историја, тој сака неговите ракометари да уживаат во утрешниот меч.
„Историјата веќе е испишана со самиот влез во финале за европски трофеј. Тоа е огромен успех за ГРК Охрид. На чекор сме до освојување на тој европски трофеј што би било исклучителен успех за клубот, за градот, за државата. Јас можам да ветам дека ќе го оставиме последниот атом од силата заедно со овие прекрасни навивачи.
Но, кога почна овој Европски куп, Татабања беше апсолутен фаворит, и ние кога размислувавме за ждрепката се молевме нив да ги добиеме што е можно подоцна. Но, ние имаме добар резултат од Татабања, мислам дека требаше да биде и уште подобар, но да не се навраќам сега што се се случуваше таму. Како и да е, во една таква ситуација ќе ни беше многу полесно. Но, во ред, имаме резултат каков што имаме, зад себе ќе го имаме целиот град Охрид, таа поддршка ја чувствуваме овие денови. Тензијата малку расте и сите со нетрпение очекуваме да почне натпреварот.
Бидејќи ова е последен меч оваа сезона, сакам да им се заблагодарам на сите, на управата, на ракометарите, на стручниот штаб. Ова е атмосфера која сите ја создадовме заеднички во овој клуб и ќе се обидеме да ја крунисаме утре.
Татабања оваа сезона сите натпревари подобро ги играше на гости. Сигурно и тие се свесни за тоа, и ние сме свесни за тоа дека играат порастеретено на гости. Клучно ќе биде моите момци да се опуштат и да одиграат најдобар натпревар што можат. Да не бидат под притисок за освојување. Затоа реков дека веќе испишавме историја и сакам моите момци во ова финале да уживаат, ова да им биде награда за се што направија оваа сезона“, вели Рајовиќ.
Еден од клучните играчи ќе биде голманот Кристијан Пилиповиќ кој има фантастична сезона.
„Ние како играчи мора да се концентрираме на нашите задачи, да бидеме максимално фокусирани, оваа сала и оваа енергија да ја искористиме на вистински начин, да не изгориме туку да играме фокусирано. Јас верувам во победа. Едвај чекаме да почне натпреварот и да дадеме се од себе. Навивачите сакам да бидат нашиот осми играч“, рече Пилиповиќ.