Елмас: Треба да играме понапаѓачки и да изградиме силен тим за септември!
Елмас кажа дека е најважно да се изградат како силна репрезентација пред септемвриските натпревари.
„Имаме нов селектор, ова е втор собир и има нови играчи. Најважно е да бидеме фокусирани на нас и на тоа што треба да го изградиме како репрезентација пред септемвриските натпревари. Нè очекуваат силни противници и мора максимално да се подготвиме. Очекувам да играме понапаѓачки, затоа што ако не напаѓаш, не можеш да победиш. Фудбалот бара баланс, некогаш треба сите да се браниме, а некогаш сите да нападнеме. Ќе биде важно како ќе ги спроведеме задачите што ќе ги добиеме од селекторот“, кажа Елмас.
Македонскиот фудбалер кажа дека пријателските дуели против БиХ и Турција ќе бидат одлична шанса за новите фудбалери да се прилагодат во репрезентацијата.
„Секогаш позитивно ги пречекуваме новите играчи, без разлика од каде доаѓаат. Кога се игра за Македонија, сите го даваат максимумот. Наша задача е да им помогнеме побрзо да се вклопат и да создадеме добра атмосфера како што беше и претходно“, вели тој.
Елмас, исто така, кажа и дека ќе им недостасува Енис Барди на теренот, откако капитенот отпадна од конкуренција за настап поради повреда.
„Енис е многу важен за нас, како капитен и како човек во соблекувалната. Ќе недостасува на овие натпревари, затоа што и кога не игра, многу им помага на сите“, посочи Елмас.
Натпреварот меѓу БиХ и Македонија се игра вечерва од 20.30 часот во Сараево.