Родригес до навивачите на Вардар: Не сум тука да ме осудувате, контроверзите се минато, ќе бидете горди на мене!

Вардар денеска и официјално го комплетираше трансферот на Жерсон Родригес, засилување кое се очекува да биде еден од главните столбови на тимот во претстојната сезона. Возбуден поради новиот предизвик, тој им дава силно ветување на навивачите дека грешките од минатото нема да се повторат и на теренот ќе го видат во полн сјај.

РИСТЕ ЃОРЃИЕВСКИ
Откако успешно ги мина задолжителните лекарски прегледи, Родригес стави потпис на едногодишен договор со „црвено-црните“, со опција за продолжување на соработката за уште една сезона. Новата ѕвезда на тимот ќе го носи дресот со бројот седум. Се работи за фудбалер со импресивно резиме зад себе. Со екипата на Динамо Киев има настапувано во Лигата на шампиони, тој е и најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата на Луксембург. Сепак, познат е и по својот темпераментен карактер, поради кој во минатото неретко влегуваше во проблеми надвор од теренот.

Во интервју за „Спорт1“, Родригес уверува дека контроверзите остануваат зад него. Истакнува дека сега е зрел човек кој точно знае што сака и нема да ги повтори истите грешки. Среќен е поради враќањето во Европа и доаѓа со огромна желба за блесок и успех во дресот на Вардар.

Кои се твоите први импресии од Скопје и од Вардар?

„Првите импресии ми се одлични. Го запознав стручниот штаб и персоналот, ме прифатија многу убаво. Среќен сум што се враќам во Европа и што ќе играм во историски клуб. Клубот има големи амбиции, ќе игра квалификации за Лигата на шампионите, а следната сезона сака да ги освои и Купот и првенството. Мислам дека ова е одличен предизвик за мене. Целта ми е да му помогнам на тимот и заедно со соиграчите да ги оствариме зацртаните планови. Исто така, верувам дека со мојот лидерски карактер можам да го повлечам тимот напред. Возбуден сум што повторно ќе играм во Европа и со нетрпение го очекувам првиот натпревар.“

Што беше одлучувачкиот фактор за да ја прифатиш понудата на Вардар?

„Имав неколку интересни понуди на маса, но Вардар беше меѓу првите. Ја прифатив понудата со цело срце бидејќи почувствував дека тие веруваат во мене, а тоа ми е навистина многу важно. Во овој момент, довербата ми е неопходна. Си го знам квалитетот, а кога знаеш дека луѓето веруваат во тебе, тоа позитивно се одразува и на теренот. Сакаа да ја преземам улогата на лидер и да го извлечат најдоброто од мене, а токму тоа го сакам и јас. Во прилог на мојата одлука одеше и фактот што Вардар ќе игра квалификации за Лигата на шампионите, што претставува огромен предизвик. Досега имам играно еднаш во Лигата на шампионите и еднаш во Лига Европа, па настапите на европската сцена ми значат многу. Дополнително, тимот зад себе има одлична сезона, мотивиран е и амбициозен за понатаму. Имам чувство дека целиот град стои зад клубот, а поддршката од навивачите ни е повеќе од потребна.“

Кои се твоите лични амбиции за следната сезона? Што сакаш да постигнеш во црвено-црниот дрес?

„Сакам да постигнам нешто големо, сакам да оставам сериозна трага. Сакам да бидам среќен тука во Вардар и да се задржам што е можно подолго. Целта е да ги освоиме првенството и Купот. Знам дека минатата сезона Вардар го освои Купот, а оваа првенството, но јас сакам да ги освоиме двете титули заедно. Сакам да влеземе во Лигата на шампионите, тоа би било нешто историско за градот. Притоа, сакам да бидам најдобар стрелец и да рушам рекорди. Како што знаете, држам рекорд во националниот тим, и тоа е она што сакам да го правам и тука.“

Колку знаеше за Вардар и за Македонија пред да го потпишеш договорот?

„Веќе имам искуство во Македонија. Во 2018 година, кога играв за Шериф Тираспол, игравме против Шкендија во квалификациите за Лига Европа. Тогаш бев тука и веќе играв на теренот на кој ќе ги играме домашните натпревари со Вардар. Ја почувствував енергијата уште тогаш. Сум играл во многу земји и можам да кажам дека многу брзо се адаптирам на новата култура, климата и сè останато. Кога слушнав за Македонија, веднаш се сетив дека веќе сум бил таму.“

Поради твоето фудбалско минато, очекувањата на вардаровите фанови се високи. Се очекува ти да бидеш еден од лидерите во тимот. Дали тоа ти создава притисок?

„Не чувствувам притисок, туку гордост. Сакам да им порачам на фановите дека ми се потребни на стадионот на секој натпревар. Не само да ме поддржуваат мене, туку да го поддржуваат целиот тим, бидејќи јас како поединец не можам сам да донесам успех – победите се остваруваат заеднички. Може да имам индивидуален учинок, но тимот е тој што победува. Ни треба нивната поддршка, а јас, ако треба да бидам капитен на овој брод и лидер на тимот, ќе го дадам најдоброто од себе за да ја оправдам таа улога. Се надевам дека фановите ќе бидат со нас на секој чекор.“

Кажи ни нешто повеќе за позицијата на која играш.

„Мојата природна позиција е лево крило, но немам проблем да играм и како 'десетка' или 'деветка'. Тоа се трите позиции кои ми се најважни. Сепак, знаете како е во фудбалот – понекогаш има повреди или други тактички причини поради кои мора да покриете и друга позиција. Јас сум флексибилен играч.“

Ти си најдобар стрелец во историјата на Луксембург, но поради нефудбалски причини во овој момент не си дел од репрезентацијата. Дали тоа поглавје е завршено за тебе или би можел повторно да заиграш за националниот тим?

„Премногу е строго да се каже дека поглавјето е завршено. Мислам дека вратата е секогаш отворена. Тоа што било во минатото, останува во минатото. Што се случило, се случило. Иако приказната не е точно таква каква што ја презентираа медиумите, јас си ја добив казната. Вистината можеби е бавна, но еден ден, на еден или друг начин, ќе излезе на виделина. Не ја затворам вратата за националниот тим бидејќи сметам дека мојата мисија таму не е завршена. Целта ми е еден ден со мојата земја да се квалификувам на Светско или Европско првенство. Секогаш со гордост сум го носел националниот дрес. Тоа што се случи нема да ме спречи да успеам во животот и во фудбалот. Нема да ме спречи повторно да блескам – јас секогаш сакам да блескам.“

Дел од вардаровите фанови се свесни за твоето контроверзно минато и со доза на скептицизам гледаат кон овој трансфер. Што би им порачал?

„Би им кажал дека секој фудбалер има свое минато, секој има подеми и падови, но со текот на времето учите од грешките и знаете дека не смеете да ги повторите. Јас сум слободен играч, слободна душа. Сите зборуваат: 'Родригес сака ова, Родригес сака она', но со искуството учите како правилно да ги менаџирате работите. Веќе немам 21 година, имам 30, и сега точно знам што правам – кога е време за забава, а кога не. Но, јас не дојдов тука за тоа. Дојдов да докажам дека Жерсон Родригес е сè уште жив, и сите ќе го видат вистинскиот Родригес. Не сум тука за да бидам осудуван, тука сум да зборувам на теренот, да зборувам со топката. Покрај фудбалот имам и приватен живот, но приватното останува приватно. Знам дека ќе бидам максимално професионален.“

Која е твојата порака до фановите?

„Верувајте во мене и сè ќе биде добро. Јас ќе ве поддржувам вас, вие поддржувајте ме мене и заедно ќе имаме голема иднина. Прифатете ме, верувајте во мене, прифатете ме како лидер, а јас ќе направам сè за да бидете горди на мене.“