Пулишиќ потпиша нов договор со Милан до 2031 година
Со оваа одлука „росонерите“ јасно покажаа колку сметаат на 28-годишниот офанзивец, кој од пристигнувањето од Челси во јули 2023 година се наметна како еден од најважните играчи во тимот.
Пулишиќ досега одигра 141 натпревар во дресот на Милан, на кои постигна 44 гола. Неговите настапи и континуитетот во игрите го убедија раководството да му понуди долгорочна соработка, со која ќе остане на „Сан Сиро“ и во следните неколку сезони.
Новиот договор претставува значително продолжување на претходната соработка, која истекуваше во 2027 година, со опција за дополнителна сезона. Пулишиќ ќе има загарантирана годишна плата од 6,5 милиони евра, која преку бонуси може да достигне и 10 милиони евра. Американецот не го криеше задоволството од продолжувањето на соработката и порача дека останувањето во Милан отсекогаш било негова желба.
„Отсекогаш сакав да останам тука. Многу сум возбуден за следните години“, изјави Пулишиќ по потпишувањето на договорот.
Од доаѓањето во 2023 година, тој се претвори во еден од клучните офанзивци на Милан, а клубот со овој потег испрати јасна порака дека Пулишиќ е важен дел од проектот за иднината.