Жална слика во „Градски парк“: Работнички и МЗТ играа само за новинари и редари!
Лицата на сите во двата табори се речиси камени, насмевка речиси и да не може да се види, а чкрипењето на патиките е единствениот звук што се слуша на паркетот. Расположението е еднакво на нула, делумно поради разочарувањето од синоќешните настани, но и од фактот што освен новинарите и редарите (заедно се вкупно 15) никој нема да биде сведок на оваа нивна пресметка. Болката е уште поголема поради немањето директен телевизиски пренос од вториот дел од ова вечно дерби.
Вчерашната средба беше прекината поради константно плукање од трибините и покрај трите јавни опомени, при што прво беше наредено отстранување само на навивачите на МЗТ, за потоа одлуката да биде променета со доигрување по 24 часа. Работнички води со 62-50 во 27. минута, а патот кон победата денеска ќе им биде и олеснет.
Причина за тоа е повредата на центарот на аеродромци, Јуре Лалиќ, кој доби незгоден удар во бутниот мускул по еден дуел со Ѓорѓи Чековски во финишот од синоќешниот прв дел од вечното дерби.