Сабаленка тргна доминантно на стартот од Ролан Гарос

Првата светска тенисерка Арина Сабаленка се пласираше во второто коло на Ролан Гарос, откако денеска во Париз ја совлада Шпанката Џесика Бусас Манеира со 2-0 во сетови (6-4, 6-2) во меч кој траеше еден час и 16 минути.

Сабаленка дури шестпати ѝ го одзеде сервисот на шпанската тенисерка, додека Бусас Манеира освои три брејка. Во второто коло Белорусинката ќе игра против победничката од дуелот меѓу Французинката Елса Жакмо и Чехинката Линда Фрухвиртова.

Пласман во второто коло обезбеди и Ива Јовиќ, која ја победи Филипинката Александра Еала со 6-4, 6-2. Нивниот натпревар траеше еден час и 41 минута.

Јовиќ шестпати ѝ го одзеде сервисот на ривалката, додека Еала освои три брејка.

Во следната рунда Јовиќ ќе игра против својата сонародничка Ема Наваро, која во првото коло беше подобра од Индонезијката Џенис Тјен со 6-4, 6-3. Мечот меѓу Наваро и Тјен траеше еден час и 44 минути.

Пласман во второто коло изборија уште и Дона Векиќ и Клер Лу.

Фото: ROLAND-GARROS/FB