Македонија преку ноќ доби нов најдобро рангиран тенисер – од Украина!

Калин Ивановски повеќе не е најдобро рангиран македонски тенисер, но не поради големиот пад на АТП листата поради серијата повреди што му се случија, туку поради натурализацијата на неговиот колега од Украина – Олег Приходко.

Станува збор за 28-годишник роден во Павлохрад, кој од пред неколку дена и официјално почна да настапува под македонско знаме, откако на почетокот од годината на седница на Владата му беше одобрено добивање на нашето државјанство. Тој на најновата АТП-листа е на 399. позиција, додека најдобар ранкинг во кариерата му била 307. позиција остварена лани во август, што е за две позиции полошо од најдобриот пласман на Ивановски. Една од причините за ваквото назадување е и низата од седум порази по ред, што значи експресно испаѓање од последните седум турнири на кои настапи, а неговиот последен триумф датира уште од почетокот на февруари.

Според неговата страница на Википедија, Приходко го добил македонскиот пасош по низата критики што ги добивал во матичната Украина поради настапи во двојки со тенисери од Русија и Белорусија, држави кои се во војна со неговата татковина. Тој во кариерата има остварено две победи на турнири од Челинџер серијата, а 23 од најниската ИТФ категорија.