„Македонско девојче“ ечеше среде Бугарија во чест на Ѓоко Хаџиевски (ВИДЕО)

Легендарниот македонски тренер, Ѓоко Хаџиевски, направи огромен успех обезбедувајќи опстанок на тимот на Спартак Варна во бугарската елита, со што стана херој за управата и за навивачите на овој клуб.

Фановите пред неколку дена истакнаа транспарент поврзан со моментната политичка ситуација помеѓу Бугарија и Македонија, потврдувајќи ја важноста за нив на нашиот стратег.

„Не ви го бараме идентитетот, но Ѓоко е еден од нас“, порачаа навивачите на Спартак Варна.

А, колку Хаџиевски е важен за фудбалерите и самиот клуб се виде и на прославата на опстанокот, каде што меѓу другото беа свирени македонски песни во негова чест. Некако највпечатлива беше изведбата на „Македонско девојче“ која во една ваква политичка ситуација, без никакви проблеми, ечеше среде Варна.