Барселона има само една желба за летово – да го потпише Жељко Обрадовиќ!

Најдобриот европски тренер на сите времиња, Жељко Обрадовиќ, повторно е во центарот на европската кошаркарска сцена, откако се појавија информации дека би можел да ја продолжи кариерата во Барселона.

Според каталонски извори, најтрофејниот во историјата на европската кошарка е блиску до договор со „блауграна“ и можно е повторно да се врати во шпанската кошарка, каде што веќе остави длабока трага. Иако во еден момент се чинеше дека опцијата за враќање во Панатинаикос е најреална, промените на тренерските клупи и новите планови на Барселона ја отворија вратата за сензационален пресврт. Каталонскиот гигант наводно сака да го искористи моментот и да го „смири“ незадоволството кај навивачите со ангажман токму на тренер со девет титули во Евролигата.

Во меѓувреме, се споменуваат и други имиња како Ибон Наваро и Василис Спанулис, но токму Обрадовиќ се појавува како најгласна и најнеочекувана опција. Легендарниот стратег, кој титулите ги освојуваше со Хувентуд, Реал Мадрид, Панатинаикос и Фенербахче, би можел да се најде пред нов историски предизвик – да ја води Барселона кон европскиот врв.