Јокиќ и Дончиќ во идеалната петорка во НБА - првпат по две децении го нема Леброн!
Покрај српскиот центар, во најдобриот тим сезонава се најдоа и Шеј Гилџес-Александер, Виктор Вембанјама, Кејд Канингам и Лука Дончиќ. Јокиќ и Гилџес-Александер добија максимални 500 поени, откако сите 100 новинари и аналитичари ги ставиле во првата петорка. Вембањама освои 498 поени, Дончиќ 482, а Канингем 414. За кошаркарот на Денвер ова е осми избор во еден од трите идеални тима во НБА, додека Дончиќ по шести пат е дел од првата петорка. Словенецот сезонава беше и најдобар стрелец во лигата со просек од 33,5 поени, плус 7,7 скока и 8,3 асистенции по натпревар.
Изборот уште еднаш ја покажа огромната доминација на интернационалците во НБА. Од петтемина во идеалниот тим, само Канингем е Американец. Најголемо внимание сепак привлече отсуството на Леброн Џејмс, кој за првпат од дебитантската сезона 2003/04 не се најде во ниту една од трите идеални петорки. Главната причина е правилото според кое играч мора да одигра најмалку 65 натпревари во регуларниот дел за да биде кандидат за индивидуални признанија. Ѕвездата на ЛА Лејкерс настапи на 60 средби и автоматски отпадна од конкуренција. Во претходните 21 сезона, Леброн дури 13 пати беше дел од првата петорка, а по четири пати се најде во вториот и третиот идеален тим.
Во втората идеална петорка се избрани Џејлен Браун, Џален Брансон, Кевин Дурент, Кави Ленард и Донован Мичел, додека третиот идеален тим го сочинуваат Тајрис Макси, Џамал Мареј, Џален Џонсон, Чет Холмгрен и Џален Дурен.