Елмас со победа над Удинезе по вторпат се збогува со „Марадона“ и Неапол (ВИДЕО)
Македонскиот репрезентативец беше стартер и ги одигра сите 90 минути во триумфот со кој наполитанците ја заверија вицешампионската позиција во Италија. Единствениот погодок на натпреварот го постигна Расмус Хојлунд, кој, за разлика од Елмас, ќе остане во Неапол и следната сезона.
Наполи, според актуелната ситуација, нема намера да го откупи договорот на Елмас од Лајпциг, па македонскиот „дијамант“ веќе од утре ќе треба да се врати во германскиот клуб. Покрај Македонецот, од клубот заминува и тренерот Антонио Конте, кој ја завршува својата епизода на клупата на наполитанците.
Составот од „Марадона“ со денешните три бода ја заврши сезоната на второто место со 76 освоени бодови, зад шампионот Интер, кој имаше 11 бодови повеќе. Удинезе остана на десеттата позиција со 50 бодови.