Ќе има жестоки казни: Министерството за спорт најави измени во Законот по скандалот на Куп-финалето!
Од Министерството најостро ги осудија случувањата, посочувајќи дека уште повеќе загрижува однесувањето на играчите, кои не се појавија на церемонијата за доделување медали.
„Во последниов период имаше повеќе настани што доаѓаат од повеќе страни – спортски работници, фудбалери, навивачи и клубови – кои штетат на угледот на федерациите, државата и спортот. Пристапуваме кон разгледување на можноста за измени во Законот за спорт со кои ќе ги прошириме ингеренциите на државата со цел ваквите појави да бидат сериозно санкционирани. Казните ќе бидат во делот на добивањето државна помош, а во крајна линија ќе се предвиди и постапка за одземање на решенијата за дејност спорт, со што ќе се губи правото на настап во националното првенство. Воедно, ја повикуваме и ФФМ да го промени својот првилник кој би бил многу поригорозерн во санкционирањето на нарушувања од секаков вид.“, велат од Министерството за спорт.
Во реакцијата се наведува и дека согласно меѓународните спортски конвенции и правни инструменти, ваквите појави не смеат да станат секојдневие во спортот, поради што институциите ќе преземат мерки за заштита на националните интереси и угледот на македонскиот спорт.