„Украинците ме напаѓаат како јас да ги фрлам бомбите врз нивните глави!“
Во интервју за магазинот „Вог“, Белорусинката призна дека разбира зошто украинските ривалки одбиваат да ѝ подадат рака по натпреварите, нагласувајќи дека тоа не го сфаќа лично.
„Го почитувам нивниот став и знам дека тоа не е лично, туку начин да испратат порака“, изјави Сабаленка.
Сепак, таа призна дека атмосферата на ВТА-турот во одредени моменти била многу тешка за неа.
„Навистина е тешко да се издржи толкава количина омраза. Еден тренер дури ми викаше дека јас сум таа што фрла бомби“, откри светскиот рекет број еден.
Сабаленка јасно потенцираше дека е против војната и дека сака мир.
„Очигледно е дека сакам мир за сите. Не ја сакам оваа војна. Луѓето треба да седнат на маса и да се договорат. Спортот треба да биде место каде сите ќе бидат заедно, а не да се борат меѓусебно“, порача Белорусинката.
Таа истакна и дека конфликтот создал огромна дистанца меѓу народите кои порано биле многу блиски.
„Украинците и Белорусите долго време беа како браќа и сестри. Бевме исти, живеевме заедно, а сега меѓу нас има голем ѕид. Не знам како сето ова ќе заврши“, додаде Сабаленка.
Белоруската тенисерка веќе подолг период е на врвот на ВТА-листата. Од средината на 2024 година таа е прва во светот 83 недели по ред, а вкупно има 91 недела на лидерската позиција, со што се наоѓа на 11. место на вечната листа.