Второлигаш славеше како да освоил ЛШ – доби фудбалер што ќе игра на СП 2026 (ВИДЕО)

Во таборот на малиот и непознат португалски клуб Торенсе синоќа еуфорично се славеше, но не поради некој тимски успех туку поради нивниот фудбалер, Јаник Дос Сантос, попознат како Стопира, кој доби повик за настап на претстојното Светско првенство како дел од репрезентацијата на Зеленортските Острови.

Во соблекувалната на второлигашот се случи прослава како да е освоена Лигата на шампионите, кога искусниот дефанзивец дознал дека се наоѓа на конечниот список за Мундијалот. Соиграчите го крева во воздух, се пееше и се отвораше шампањско, како клубот да освоил важен трофеј. Видеото од прославата брзо стана хит на социјалните мрежи и привлече внимание ширум фудбалскиот свет.

Стопира има 38 години и веќе долго време е еден од најважните играчи на репрезентацијата на Зеленортските Острови, за која досега одиграл 60 натпревари. Поголемиот дел од кариерата го мина во унгарски Фехервар, каде што настапуваше цели 11 години, а во Торенсе пристигна во 2024 година.

За клубот, кој домашните натпревари ги игра на стадион со капацитет од само 2.500 гледачи, ова може да стане историска сезона. Освен што ќе има свој претставник на Светското првенство, Торенсе за шест дена ќе игра и финале во Купот на Португалија против големиот Спортинг.