Силекс ќе проба да го искористи заморот на Шкендија во финалето на Купот!

Екипите на Силекс и Шкендија утре ќе ги одмерат силите во финалето од Купот на Македонија, кое традиционално се игра на арената „Тоше Проески“ во Скопје, овој пат со почеток од 20 часот.

За кратовци ова е можност релативно добрата сезона да ја крунисаат со трофеј и пласман на европска сцена, откако шампионатот го завршија на четвртата позиција.

„За нас ова е натпревар на сезоната, бидејќи носи излез во Европа. Шкендија е квалитетен и искусен противник, можеби и во мала предност поради европските натпревари што ги има одиграно. Но, ќе се обидеме да ги искористиме сите слабости што ќе ни се понудат. Која би била предноста на Силекс? Според мене, тоа е што Шкендија има одиграно 54 мечеви сезонава. Посакувам добро финале и нека победи подобриот“, изјави тренерот на Силекс, Александар Васоски.

Од другата страна, Шкендија преку Купот ќе се обиде да ја спаси сезоната, откако не успеа да ја одбрани титулата во првенството.

„Шкендија по осум години повторно е во финале на Купот и максимално го респектираме овој натпревар. Силекс има квалитетен и искусен тим, а ваквите мечеви ги решаваат детали и нијанси. Очекувам коректен натпревар и фер судење, а на крајот нека се радува посреќниот“, порача стратегот на тетовци, Јетон Беќири.

Капитенот Албин Зејнулаи, пак, додаде дека тетовци секоја сезона влегува со амбиции за успех во Европа, битка за титулата и освојување на Купот, па токму финалето е шанса тимот да стигне до трофеј.