Македонските клубови поради испадите на навивачите ќе мора да платат 22.600 евра!

Навивачите се голема помош за секој спортски колектив, но понекогаш носат и голем товар за клупските каси, што најдобро на своја кожа го почувствуваа фудбалските прволигаши кои ќе мора да платат вкупно 22.600 евра поради тоа што нивните фанови го направија на некои од последните средби сезонава.

Најлошо помина тимот на Тиквеш, кој ќе мора да плати 10.000 евра и тоа двапати по 5.000 евра за „истакнување банер со навредлива содржина кон ФФМ“ и за „користење пиротехнички средства и топовски удари, како и попречување на камерман при вршење директен пренос“. Двете непријатности се случиле на дуелот на кавадарчани на домашен терен против Арсими.

Идентична санкција, ама само една, доби и Шкендија, која ќе треба да уплати 5.000 евра во касата на Куќата на фудбалот поради „навредливо скандирање кон ФФМ и скандирање со националистичка содржина на натпреварот против Струга. Вардар ќе треба да плати 3.500 евра поради своите навивачи и тоа поради користење пиротехнички средства на средбите против Пелистер односно Силекс, а битолчани за истото ќе платат 2.500 евра поради ваков „грев“ на дербито против црвено-црните.

Шкендија Арачиново се казнува со парична казна од 1.000 евра поради користење пиротехнички средства и влегување на претседателот на клубот на теренот за игра на натпреварот од 28. коло меѓу ФК Брегалница 2008 и Шкендија Арачиново. Во продолжение се и останатите казни за исти или слични прекршоци.

-Осогово Кочани се казнува со парична казна од 300 евра поради користење пиротехнички средства на натпреварот од 24. коло меѓу Осогово и Шкендија Арачиново.

– Детонит Плачковица се казнува со парична казна од 150 евра поради фрлање шише со вода на теренот на натпреварот од 25. коло меѓу Детонит Плачковица и Брегалница.

– Каменица Саса се казнува со парична казна од 150 евра поради фрлање шише со вода на теренот на натпреварот од 24. коло меѓу ФК Каменица Саса и ФК Охрид Лихнидос.

– Фудбалерот на Шкендија, Имран Фетаи, се казнува со парична казна од 500 евра поради недолично однесување, односно кршење врата по завршување на натпреварот од 30. коло меѓу Силекс и Шкендија.

– Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Јетон Беќири, се казнува со парична казна од 500 евра поради недолично однесување, односно вербален напад врз припадници на МВР по завршување на натпреварот од 30. коло меѓу Силекс и Шкендија.

– Брегалница се казнува со парична казна од 5.000 евра поради слаба организација, присуство на неслужбени лица и недозволен број редари на натпреварот од 28. коло меѓу Брегалница и Шкендија Арачиново.