Пропадна приказната на Перез: Каталонската УЈП не најде докази дека Барса потплаќала судии
Оваа позиција е во согласност со аргументите на Барса, кои тврдат дека сите овие исплати биле за подготовка на судиски извештаи, а не за манипулирање со натпреварувањето. Заклучоците од извештајот потврдуваат дека помеѓу 2001 и 2018 година на Негреира му биле исплатени повеќе од 7,5 милиони евра. Сепак, не е докажано дека овие износи биле искористени за „тргување со доверливи информации од судискиот комитет, влијание врз назначувањето на судии или директно учество во промена на резултатите од натпреварите“.

Новиот извештај, исто така, смета дека е важно што „не е пронајдено никакво плаќање кон ниту еден судија, откако се проверени сите излезни трансакции од банкарската сметка“. Во документот се додава дека „нема докази дека на било кои резултати можело да се влијае“. Даночната управа, исто така, истакнува дека Негреира не судел натпревари во годините во кои Барселона ги извршила исплатите. Откако ги дозна заклучоците од извештајот, Мигел Галан, претседател на CENAFE, објави обемна порака на социјалните мрежи, во која резимираше дека Даночната агенција „отфрла постоење на какви било знаци на спортска корупција што може да се припишат на Барселона“.
Правниот оддел на Барселона ја финализира подготовката на правна постапка по обвинувањата во „случајот Негреира“ од Флорентино Перез, претседател на Реал Мадрид. Шефот на „белите“ минатата недела имаше бурна конференција која ја искористи да ја нападне Барселона и да се пожали дека му биле украдени седум шампионски титули во Ла Лига, што следниот ден го повтори и неговиот тренер Алваро Арбелоа. Перез, исто така, увери дека клубот подготвува извештај од над 500 страници со наводни епизоди на фаворизирање на судиите за да го испрати до УЕФА со намера да ја санкционира Барселона.