Червар: Лазаров за мене е најдобар светски ракометар на сите времиња!
Во својата изјава Червар немаше никакви дилеми.
„Кирил Лазаров за мене е најголемиот на сите времиња“, јасно порача Червар кој токму против Лазаров кој го води Алкалоид ќе води битки наредната сезона во македонската Суперлига.
Легендата на хрватскиот ракомет во продолжение и го образложи своето мислење.
„Воспитувањето на еден млад човек и спортист беше првото нешто што го забележав кога првпат се сретнавме во летото 2000 година. И мојата сопруга Барбара се согласи со мене кога го однесовме младиот Македонец на пијалак во близина на Домот на спортовите. Знаеше да гради здрава и искрена комуникација, а токму тоа е култура. Денес не секој ја поседува таа култура. Неговите одлични комуникациски вештини му ги отвораа сите врати. Кире поседуваше харизма, а не само спортски талент“, изјави Червар.
Од самиот почеток Червар гледал нешто посебно во Лазаров.
„Во него препознав нешто повеќе од обичен играч. Видов дека станува збор за посебна личност која беше решена да стане врвен спортист. Имаше работна етика, остануваше и по тренинзите. Вежбавме повратен пас кон десното крило, шут, одвртување и завртување, како што велеше самиот. Тоа беше и остана негова специјалност. Кога ќе замавнеше, а потоа ќе направеше движење во тоа беше и остана мајстор, a секое негово додавање уште тогаш имаше очи“, раскажа тој.
Најдобро Лазаров и Червар се познаваат од времето кога соработуваа во Загреб каде што и во тешка ситуација успеаја да се израдуваат на титулата.
„Таа сезона ја игравме славната финална плејоф серија од пет натпревари против Метковиќ. Во споредба со нив бевме сиромашни. Немавме земено плата цела година, а излеговме против ривал кој таа сезона плаќаше играчи и по 200.000 германски марки. Таа титула беше огромен успех. Се сеќавам на дербито меѓу Загреб и Цеље во Лигата на шампионите. Тоа беа големи натпревари. На првиот, младиот Кире го растури славниот Дејан Периќ“, зборуваше Лино.
Червар од Лазаров не е воодушевен само како спортист, туку и од неговиот поглед кон воопшто кон животот.
„Секогаш ме воодушевуваше неговиот позитивен однос кон животот и спортот. Порасна на бетон во своето Свети Николе и со својата кариера покажа дека животот почнува дури кога ќе се излезе од зоната на комфор. Тоа е единствениот пат до успехот. Нему тоа не му беше тешко. Постојат многу големи спортски таленти кои не успеаја во тоа. Кире е мудар човек кој не кажува сѐ што мисли, но мисли за сѐ што кажува. Тоа е голема работа. Поседува огромен карактер, способен да носи големи и вистински одлуки и на теренот и надвор од него. Феномен. Таков човек треба да се бара“, воодушевено зборуваше новиот тренер на Пелистер.