„Учиме да играме максимално од првата до последната секунда“

Македонија одигра импресивен двомеч против Словачка и на убедлив начин се пласираше на ново Светско првенство продолжувајќи го континуитетот на настапи на големите натпреварувања.

Денеска ја совладавме Словачка со 38-23, а импресиите по натпреварот ги кажа и македонскиот голман, Никола Митревски.

„Одигрвме одличен двомеч и сосема заслужено дојдовме до две победи. Првиот натпревар ни беше непознаница, не знаевме колку се квалитетни, но добро одигравме во Прешов. Од самиот почеток игравме максимално и таму и тука. Видовме дека и тие имаат свои квалитетни играчи, но нашиот квалитет сигурно беше поголем. Игравме од сам старт максимално и таму и дома, сакавме пред наша публика да ја потврдиме победата и таа да биде што поголема за да се претставиме во поинакво светло од некогаш. Да не се задоволуваме со било каков резултат, да учиме од светските ракометни сили дека не се задоволуваме со било кој резултат и да играме од прва до последна секунда“, вели македонскиот голман, Никола Митревски.

Тој смета дека време е да направиме и нешто позначајно на едно големо натпреварување.

„Се надевам дека ова ќе биде победа што ќе ни овозможи уште поголеми успеси и победи во иднина. Ни следи сега настап на СП, зошто да не направиме и таму нешто? Имаме играчи што играат во европските купови, во силни клубови. Со мала среќа, поволна ждрепка и пред се сите да сме здрави, ќе играме максимално. Благодарност до сите што ни дадоа поддршка, беше убаво да се игра пред полна сала и оваа публика“, рече Митревски.