МЗТ искусно го направи првиот чекор кон титулата – Маџари пружи силен отпор (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје го направија првиот од потребните три чекори за одбраната на титулата, откако го совладаа Маџари (84-77) во првиот финален меч одигран во „Јане Сандански“.

Гостите како дебитанти во елитата сензационално стигнаа до самиот крај од плејофот, каде што на стартот покажаа квалитет, барем во првото полувреме во кое најчесто го имаа водството. Тие имаа највисоки плус девет (33-24), а потоа и плус седум (35-28), по што на сцена стапи далеку поискусниот противник. Аеродромци прават серија 17-3 со која целосно го вртат резултатот (45-38) и доаѓаат до предност која потоа умешно ја задржаа до крајот.

Маџари во вториот дел само еднаш дојдоа до изедначување (47-47), по што домаќинот повторно брзо дојде до повисока предност (66-57), која ги урна и најмалите надежи на противникот за било каков пресврт. Од тој момент до последниот звук од сирената се беше во рамките на рутината.

Андреј Маслинко со 17 поени и три скока беше најпрецизен кај „металците“, Душан Тансковиќ дополни со 15 поени и седум скока додека Илајџа Мекејден и Дамјан Стојановски постигнаа 14 односно 12 поени.

Вториот финален дуел се игра в среда (18 часот), повторно во „Јане Сандански“. Серијата се игра до три победи.