Валенсија го победи ПАО за пласман на Ф4, Атаман го обвини Шортс (ВИДЕО)
Шпанскиот тим беше во негатива од 0-2 бидејќи ги загуби првите два меча на домашен терен, но потоа врати со иста мерка во Атина, а синоќа стана само вториот тим во историјата, по Реал во 2023, кој успеал да направи пресврт во плејофот од Евролигата. За Панатинаикос ова е голем неуспех бидејќи тимот беше граден за да се прошета до титулата, а нема да учествува на завршниот турнир кој се игра во неговата арена.
Интересно е тоа што тренерот на ПАО, Ергин Атаман го посочи македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс како виновник и тоа уште по првиот дел. Плејмејкерот беше дел од стартната петорка, но Атаман очигледно не беше задоволен од него и во својата изјава на крајот од првото полувреме повторно го потенцираше Шортс како главен фактор за негативата, тогаш од десет разлика.
„Во второто полувреме повеќе ќе го користам Толиопулос бидејќи кога игра Шортс, во нападот сме четири на пет“, рече тогаш Атаман.
Репрезентативецот на Македонија на теренот помина помалку од шест минути, за тоа време шутна само еднаш и тоа за тројка, а оствари и еден скок и имаше индекс -1. Во вториот дел воопшто не влезе во игра, но и без него Панатинаикос немаше течност во нападите, промаши многу зицери и на крајот заслужено загуби.
На завршниот турнир од Евролигата, сепак, ќе има еден македонски репрезентативец - плејмејкерот на Валенсија, Омари Мур кој во ноември дебитираше за нашиот национален тим. Во полуфиналето Валенсија ќе игра со Реал, а втората двојка ја сочинуваат Олимпијакос и Фенербахче.