Маџари ја потврди сензацијата против ТФТ - прв дебитант што ќе игра во финале!
КК Маџари и ТФТ Скопје одиграа два исклучително драматични натпревари. Во првиот се играше продолжение, а во вториот имаше невидена драма до последната секунда од мечот.
Кошаркарите на Маџари во својата дебитантска сезона во елитата стигнаа до финалето од плејофот и креираа историски успех за клубот.
Иако во раната фаза од мечот остана без еден од своите најдобри играчи Џавон Грин, кој се повреди, Маџари издржа до крајот, не се предаде и кога губеше со седум разлика и на крајот заслужено победи. Подобро го отвори мечот и во првата четвртина постигна 29 поени, а на две минути пред нејзиниот крај водеше со 27-20.
ТФТ се консолидира во вториот период и не само што ја достигна негативата, туку и на голем одмор замина со водство од 39-38. Се чинеше дека ја има контролата над резултатот кога на две минути пред крајот поведе со највисоки +7 (55-48), но драмата тукушто почнуваше. Со серија од 9-0, Маџари направи пресврт и повторно го презеде водството, а потоа, до минута пред крајот двете екипи се менуваа во предност. Во нервозната пенал завршница, трагичар беше Виктор Ташовски кој имаше три слободни фрлања за победа, при резултат 69-71, но ги промаши сите три.
Луис беше најефикасен со 24 поени и 13/14 од линијата за слободни фрлања, а само уште Армстронг беше двоцифрен во домашниот тим, со 18 поени. Виктор Ташовски го предводеше ТФТ со 24 поени, Гордон додаде 13, а Говенс 11.
Маџари во финалето ќе игра со подобриот од серијата меѓу МЗТ Скопје и Пелистер чија „мајсторка“ е на програмата утре (среда).