Напаѓач кој за Англија не играл осум години може да добие повик од Тухел

Англискиот селектор Томас Тухел наскоро треба да го објави поширокиот список од 55 фудбалери за Светското првенство, а во медиумите веќе протекоа имињата на тројца играчи кои ќе се најдат на него. Меѓу нив е и напаѓач кој последен пат за репрезентацијата настапи пред речиси осум години.

Станува збор за напаѓачот на Брајтон, Дени Велбек кој последен пат за Англија играше во пријателската победа од 1-0 против Швајцарија во септември 2018 година. Оваа сезона е во одлична форма и постигна 14 голови во сите натпреварувања, што е негов најдобар учинок во кариерата.

Покрај него, на списокот на Тухел треба да се најдат и дефанзивците Лук Шо од Манчестер Јунајтед и Џерад Брантвејт од Евертон.

„Дени Велбек, Лук Шо и Џерад Брантвејт ќе бидат вклучени на поширокиот англиски список за Светското првенство“, тврди новинарот на „Телеграф“, Мајк Мекграт.

Конечниот список на секоја репрезентација за Светското првенство ќе брои 26 фудбалери, Англија го отвора Светското првенство на 17 јуни против Хрватска, а потоа ќе игра против Гана и Панама во групата Л.

Фото: England football team