Карагер му се извини на Енрике: Кога ќе се напиеме, сите знаеме да претераме...
Откако францускиот шампион обезбеди место во големото финале, стручниот аналитичар и легенда на Ливерпул, Џејми Карагер, ја искористи можноста јавно да му се извини на тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, за инцидентот од 2024 година.
Да потсетиме, за време на полуфиналето од Лигата на шампионите во 2024 година помеѓу Борусија Дортмунд и ПСЖ, Карагер им се приклучи на навивачите на познатиот „Жолт ѕид“. Видно под дејство на алкохол, откако и самиот призна во живо дека испил осум кригли пиво, Карагер во емисијата се појави со шал на Борусија Дортмунд.
Овој потег сериозно го налути шпанскиот стратег, кој тогаш демонстративно ја напушти микс-зоната и одби да разговара со новинарската екипа.
🚨🗣️ Jamie Carragher to Luis Enrique:
— Goals Side (@goalsside) May 6, 2026
"We have a party on the night before the final.. If you want to relax, you're invited..
Luis Enrique: "I won't come.. But you can invite Arteta." 😅👀 pic.twitter.com/tbyL764NOB
Две години подоцна, недоразбирањата конечно беа надминати. За помирувањето беше задолжен Мика Ричардс, кој го искористи присуството на претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, за да организира разговор.
„Не барам многу. Бидејќи Карагер не престанува да зборува, Луис Енрике не сака да разговара со нас. Можеш ли да го замолиш да нè испочитува?“, му порача Ричардс на првиот човек на ПСЖ.
Ал-Келаифи го исполни ветувањето и го донесе Енрике пред камерите со зборовите: „Најдобриот тренер во светот е тука“, по што следуваше извинувањето на Карагер.
Во добро расположение, но и видно засрамен поради случувањата од минатото, Карагер јавно се извини.
„Луис Енрике, би сакал да ти се извинам за моето однесување во Дортмунд во 2024 година. Носев шал на Дортмунд, но понекогаш, како што сите знаеме, кога ќе се напиеме малку повеќе, знаеме да претераме. Воодушевени сме од твојот тим и вистинско уживање беше да ве гледаме во последните две години. Честитки за новото финале!“, изјави Карагер.
Шпанскиот тренер со насмевка го прифати извинувањето и му порача на Англичанецот дека нема потреба да се извинува.