Почина творецот на шампионскиот тим на Црвена Звезда

Владимир Цветковиќ, легендарниот кошаркар на Црвена Звезда и познатиот генерален секретар на фудбалскиот клуб од Маракана, почина денеска на 84-годишна возраст.

Тој беше еден од најдобрите кошаркари во историјата на „црвено-белите“, за кои одигра 149 натпревари и постигна 1276 поени, а освои четири сребрени медали на големи натпреварувања во дресот на Југославија (Светските првенства во 1963 и 1967 година, Олимписките игри во 1968 година и Европското првенство во 1969 година).

Сепак, уште повеќе се истакна како функционер во фудбалската секција на Звезда каде што беше генерален секретар. Заедно со Драган Џајиќ има голема заслуга во создавањето на тим кој беше шампион на Европа и светот. За време на неговиот мандат, кој траеше 18 години, црвено-белите освоија 18 трофеи, вклучувајќи ги титулите во Лигата на шампионите и Интерконтиненталниот куп во 1991 година.

Цветковиќ е првиот официјално избран за најдобар спортист во историјата на СД Црвена Звезда (1965), ја добил Октомвриската награда на градот Белград, Мајската награда на Република Србија, Орден за заслуги за народот со сребрен венец и Орден за труд со златен венец, носител е на Националната спортска награда и бројни други награди.