ПСЖ брка нова европска круна, а Арсенал оди по историски прв трофеј во ЛШ

Актуелниот француски и европски шампион ПСЖ денеска од 18 часот ќе се соочи против англискиот првак Арсенал во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ), кое се игра на „Пушкаш Арена“ во Будимпешта.

Избраниците на Луис Енрике имаат јасна цел за оваа пресметка, а тоа е одбрана на европскиот пехар и освојување на втора последователна титула, додека „топчиите“ ќе се борат за првата титула во ЛШ во својата клупска историја.

ПСЖ имаше тежок пат до финалето, па во плејофот мораше да се соочи со гиганти како Челси, Ливерпул и Баерн Минхен, но успеа сите да ги елиминира и да стигне до последниот меч во сезоната во елитното натпреварување.

„Арсенал е тим создаден според идејата на Артета. Очигледно бил инспириран од идеологијата на Пеп Гвардиола, изградена врз фудбал кој се темели на посед на топката. Арсенал покажува високо ниво на конкурентност. Арсенал е најдобриот дефанзивен тим во Европа и тоа со години“, кажа Луис Енрике.

Арсенал имаше полесни ривали на „хартија“, односно се соочи со Баер Леверкузен, Спортинг Лисабон и Атлетико Мадрид.

„Ние сме во финале затоа што заслужуваме. Ќе се обидеме да го освоиме и овој пехар. Филозијата на игра на Енрике и неговиот начин на размислување се инспирација за секој тренер, но утре ќе бидеме ривали на теренот. Гледам глад, желба и мотивација кај моите играчи“, вели Артета.

ПСЖ и Арсенал минатата сезона се соочија дури три пати, и тоа во групната фаза кога „топчиите“ славеа со 2-0, но потоа во полуфиналето беа елиминирани од францускиот гигант со два порази по ред (0-1 и 1-2).

Треба да се спомене дека парижаните бркаат подвиг кој претходно во новата ера му успеал само на Реал Мадрид, а тоа е одбрана на титулата во елитното натпреварување.

Финалето во ЛШ се игра денеска од 18 часот во Будимпешта.

Фото: UEFA Champions League