Новинар на „АС“ нема дилеми, знае кој треба да биде тренер на Реал
Во 22 натпревари запиша 14 победи, едно реми и седум порази. Во Лигата на шампионите беше елиминиран од Баерн во четвртфиналето, додека во Ла Лига, на шест кола до крајот, заостанува девет бода зад Барселона. Така, Реал е на прагот да остане без трофеј оваа сезона, а во последните недели сè почесто се шпекулира со имиња кои би можеле да го наследат Арбелоа, иако има договор до летото 2027 година.
Новинарот на шпанска „АС“, Фредерик Ермел, смета дека Арбелоа треба да добие шанса и следната сезона.
Во својот текст со наслов „Ниту Клоп, ниту Дешам, ниту Покетино… Арбелоа!“, Ермел пишува дека април е период кога сè се буди и природата и емоциите кај луѓето. Во нормални услови, Реал Мадрид во ова време од годината би се подготвувал за ново полуфинале во Лигата на шампионите и би бил во трка за титулата. Но, оваа сезона на „кралевите“ им преостанува само да го чекаат крајот.
По елиминацијата во Минхен, претседателот Флорентино Перез побарал од тимот преостанатите шест натпревари во првенството да ги одигра достоинствено, минимумот што може да се очекува. Сепак, според Ермел, во овој краток финиш од сезоната во игра е многу повеќе од угледот на клубот, станува збор за иднината на тренерот Арбелоа.
Во медиумите веќе кружат имиња на можни наследници за следната сезона: Јирген Клоп, Маурисио Покетино, па дури и секогаш актуелниот Жозе Мурињо. На листата се споменува и Дидие Дешам, кој по Светското првенство ќе ја напушти функцијата селектор на Франција.